Вечерва од 21 часот во црквата „Св. Софија“ ќе настапат Baltic Guitar Quartet од Литванија со дела Бокерини, Рукс, Рубенс, Пјацола, Брамс, Metallica, како дел од вечерта посветена на Европската Унија на „Охридско лето“.
Baltic Guitar Quartet се оформи во 2004 од страна на четворица млади изведувачи на класична гитара и набргу стана водечки ансамбл на гитарите во балтичките земји. Во сегашниот состав квартетот функционира од 2008 г., кога белгискиот изведувач Крис Рубенс им се придружи на Зигмас Чепуленас, Сергеј Криницин и Саулиус С. Липчиус.
Сите музичари се победници на различни натпревари и активни солисти, а нивната музика е сензитивна, колористична и рафинирана без претенциозност. Квартетот се усовршувал во областа на камерната музика со проф. Петрас Кунцас, како и во соработката со истакнатите музичари и ансамбли: Los Angeles Guitar Quartet, Оскар Гилија, Пепе Ромеро, Роланд Диенс, Дејвид Расел, Лаура Јанг и дуото Бандини Чијачијарета. Репертоарот на Baltic Guitar Quartet содржи композиции од различни периоди – од Ренесанса до современа музика. Потрагата по уникатниот звук и нови композиции резултира со нивните сопствени обработки на делата од класичниот репертоар, Балканската музика и рок музиката, а специјално за нив создаваат и познатите композитори.
Baltic Guitar Quartet активно настапува со еминентните солисти и ансамбли и е присутен на главните концертни подиуми во Австрија, Белгија, Кина, Кипар, Данска, Естонија, Италија, Јапонија, Македонија, Молдова, Полска, Русија, Чешка, Турција, Украина, Германија, и Велика Британија, настапувајќи во „Berlin Philharmonic“, „Royal Castle“ во Варшава, „Southbank Center“ и „St. James‘s Church“ во Лондон, „Forbidden City Concert Hall“ во Пекинг, како и на најзначајните европски фестивали.