Екипата на Балтимор триумфираше во 47-то финале на американскиот Супербол. Во најдолгиот меч во историјата, „Ravens“ до вториот трофеј во клупските витрини стигнаа по победата над фаворизираната екипа на Сан Франциско од 34:31.


Спортскиот спектакл на годината во САД, го одбележа прекинот во снабдување со електрична енергија на стадионот во Њу Орлеанс, кој траеше околу половина час.


За играч на натпреварот прогласен е Џо Флако, кој истакна дека двете екипи се бореле извонредно. Куриозитет е и тоа што за прв пат во едно финале на клупите на двата тима се сретнаа двајца браќа, Џон (Балтимор) и Џим Харбах (Сан Франциско).


Суперболот кој траеше рекордни 4 часа и 11 минути се одигра пред 71.000 гледачи и милионски аудиториум пред тв екраните. Спектаклот во Њу Орлеанс го надополнија настапите на големите музички ѕвезди Алиша Кис, која ја изведе американската химна, Џенифер Хадсон и групата „Дестини Чајлдс“.

OhridNews