Банкарскиот сектор во Македонија е стабилен. Депозитниот потенцијал на банките е 4,7 милиони евра и тој постојано расте. Растот во септември на годишно ниво изнесува 6 проценти, но сепак е штедните влогови особено на населението се намалени под влијание на двата шока годинава од политички аспект.

Ова беше истакнато вчера по повод Светскиот ден на штедењето – 31 октомври, кое 17 години го одбележува Здружението на банкарството при Стопанската комора на македонија.

-Штедењето е клучниот столб на стабилноста на финансискиот систем и сите ние заедно Владата, Народна банка и банкарите сме задолжени да одржуваме услови кои ќе овозможат штедењето да расте и стабилноста и сигурноста во штедењето на граѓаните да се зголемува од година во година. Тоа може да се случи само ако секој во својот дел одржува добри услови, порача вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Toj додаде дека растот на депозитниот потенцијал е 6 проценти на годишно ниво и дека кај компаниите тој раст е речиси 7 проценти, што потврдува дека корпоративниот сектор финансиски добро стои.

Гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов посочи дека банкарскиот сектор ја задржа стабилноста, но се случија два шока кои влијае на довербата што се гледа во податоците.

– Македонските граѓани имаат традиција и навика на штедење и штедењето постојано расте. Така има раст од пет проценти во септември споредено со лани. Тоа е солиден пораст, но ако споредиме колку беше во септември минатата година ќе видиме дека тогаш растеше со 8 проценти. Ако споредиме со декември минатата година ќе видиме дека новиот пораст оваа година изнесува 3,6 милијарди денари, што можеби изгледа високо, но во првите девет месеци од минатата година изнесуваше 10 милијарди. Значи, има еден дел кој недостасува и тоа штедење не исчезнало туку е кај граѓаните и недостасува во банкарскито сектор, истакна Богов и ги повика банките да се обидат да го вратат тоа штедење во банкарските канали.

Претседателот на Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија Ѓорги Јанчоски истакна дека довербата во банките се зголемува, но оти и банките нудат интересни продукти кои ги користат и претпријата и граѓаните.

OhridNews