Електронски барања за остварување на право на специјализирана медицинска рехабилитација, за рефундација за патни трошоци и за рефундација на ортопедски помагала, се новите електронски услуги кои денес беа промовирани од страна на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Првата услуга – поднесување на барање по електронски пат за остварување на право на специјализирана медицинска рехабилитација (продолжено болничко лекување во бања), овозможува секој осигуреник да може да поднесе барање за остварување на право за рехабилитација по донесено мислење од Лекарска комисија. Осигуреникот може да поднесе електронско барање, каде што сите документи ќе може да ги скенира (отпусно писмо за завршено болничко лекување/специјалистички извештај, конзилијарно мислење и наод, оценка и мислење на лекарска комисија на Фондот) и да ги прикачи преку својот профил на веб порталот на Фондот. Со тоа се скратува времето и осигурениците веќе немаат потреба да одат во подрачната служба за да го добијат решението. Статусот на своето барање можат да го следат во секое време, а самото решението за специјализирана медицинска рехабилитација осигурениците ќе го добиваат по пошта.

Втората услуга – поднесување на електронско барање за повраток на средства за патни трошоци за дијализа и за вежби за видот, слухот и говорот, сите осигуреници кои одат на дијализа и патуваат за да ја добијат оваа здравствена услуга и заради тоа имаат патни трошоци, од сега ќе можат барањето за рефундирање на средства за транспорт да ги доставуваат електронски на веб порталот на Фондот.

Третата услуга – поднесување на електронско барање за рефундација на ортопедски помагала, осигуреникот може да направи рефундација за ортопедски и други помагала за кои Фондот нема склучено договор за испорака со правен субјект, а тие се на Списокот на ортопедски и други помагала и ортопедски и други помагала за кои Фондот има склучено договор само со еден правен субјект, но од објективни причини правниот субјект не е во можност да изврши испорака, за што е доставено известување до Фондот.
Рефундацијата на ортопедски помагала, може да се изврши само доколку претходно е извршена заверка на ортопедското помагало.

OhridNews