Еден од условите е и подготовување на Програмата за управување со градежно земјиште. Како што информира Петрески, таа е изготвена и се очекува да биде ставена на дневен ред на една од наредните седници на Советот на општината. Во неа задолжително е да се наведат идните планови на општината, во врска со понатамошниот начин на менаџирање.
– Таа програма ќе се надополнува, затоа што за превземање на целото државно земјиште на ниво на општината потребна е обемна документација. Барањата до надлежниот Комитет при Министерството за транспорт ќе се испраќа дел по дел , онака како што документацијата ќе се подготвува на локално ниво. За оние парцели за кои веќе таа е подготвена и за кои има донесено урбанистичко решение, наскоро ќе биде испратено барањето за префрлање, вели Петрески кој очекува целата процедура околу превземањето на државното земјиште да заврши до крајот на оваа година.
Како што тој нагласува, приоритет ќе се даде на локациите за кои веќе има покажано интерес од одредени инвеститори, за крајбрежниот дел, како и за просторот кај Автобуската станица и градскиот пазар, чија изградба е предвидена по пат на јавно- приватно партнерство.
Согласно законските одредби, барањата на општините за превземање на државното земјиште со целосно подготвената документација треба да се доставуваат до Комитетот за управување со државното градежно земјиште, кое по разгледувањето ќе ги доставува до Владата која потоа треба да донесе одлука дали земјиштето ќе и се отстапи на општината.