Интер постигна договор за обновување на договорот на еден од своите клучни играчи, пренесе „Газета дело спорт“. Станува збор за играчот од средниот ред Николо Барела, чиј договор до 2026 година ќе биде продолжен за уште три години.

Италијанскиот репрезентативец ќе добие и зголемување на годишната плата од 6 на 7 милиони евра преку лесно достижни бонуси. Веќе имало две средби меѓу претседателот на клубот, Стивен Жанг и агентот на играчот, Алесандро Белтрами во Лисабон и Ријад, а конечен договор најверојатно ќе биде постигнат на трет состанок во Мадрид.

Изданието открива и дека Манчестер Сити упатил понуда до „нероазурите“ за Барела во последната недела од минатиот летен преоден рок. Клубот го известил играчот за понудата, но тој одбил, претпочитајќи да остане на „Џузепе Меаца“. Оваа сезона, 27-годишниот играч за врска има 31 настап во сите натпреварувања со 2 гола и 5 асистенции.

Во меѓувреме, изданието пишува дека Симоне Инзаги исто така ќе добие нов договор доколку Интер ја освои титулата во Серија „А“ оваа сезона. Титулата во Калчото ќе активира клаузула во неговиот договор со што договорот би бил продолжен за 12 месеци до 2026 година. Покрај тоа, стручњакот може да добие зголемување на платата.

Во моментов, гигантот од Милано е убедлив лидер во поредокот со 7 бода предност и натпревар помалку од нивниот главен конкурент, Јувентус.

OhridNews
Фото: МИА/Фејсбук