Жозе Мануел Баросо и Штефан Филе денес се во Охрид за да се сретнат со претседателот Иванов, премиерот Груевски, но и со првите луѓе на поголемите политички партии во земјава.

Според најавите, Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо при денешната посета посебно ќе инсистира на потребата од еден вид историски договор меѓу различните политички сили и на култура на компромис заради европска интеграција на земјата. Се очекува Баросо на многу јасен и отворен начин да му соопшти на македонскиот политички врв дека 2011 е многу важна за целиот регион, година на можност да се зацврсти процесот на проширување и Македонија да се доближи до Европа. Баросо се очекува да ја пренесе и пораката дека крајно е важно да постои стратегиски консензус внатре во земјата за да се продолжи патот до Европа.

Првите средби помеѓу Баросо и Филе со македонскиот политички врв се очекуваат околу 11 часот.

Заради безбедно движење на делегацијата и возилата под придружба, од СВР- Охрид информираа дека на одредени патни правци и сообракајници, привремено ќе биде ограничено движењето на моторни и друг вид на возила со физичко регулирање на сообраќајот.

На булеварот Туристичка и неколку други сообакајници, нема да биде дозволено запирање или паркирање на моторни возила. Предвидено е отстранување на неправилно паркирани патнички и друг вид моторни возила како и на оставени предмети од сообракајните површини.

OhridNews