Колку малку треба да се разбуди надежта. Огромниот успех на македонската кошаркарска репрезентација ја сплоти нацијата и го врати во маалата спортот кој сериозно е загрозен од компјутерските игри и интернетот. Младите се идентификуваат со кошаркарските херои, се вадат подзаборавените обрачи и табли кои татковците одамна ги ставиле  во подрумите и гаражите, баскетот повторно затропа во дворовите на зградите и по улиците.


Со посилен натпреварувачки дух од кога и да е и разбиени комплекси малата Македонија врти нов спортски лист. Успехот сигурно нема да дојде сам и преку ноќ, но еуфоријата која се создаде по извонредниот успех на македонската кошаркарска репрезентација треба и мора да се искористи и правилно да се усмери огромната позитивна енергија што овие денови силно се чувствува.


На „Мирче Ацев“ повторно се игра кошарка

Подвигот што го направија нашите кошаркари верувам ќе поттикне многу млади да се испробаат во кошарката, па кој знае, можеби тука некаде околу нас во нашето маало ќе изникне некој нов Антиќ, Илиевски, Стојановски, Самарџиски, Гечевски или ас од калибарот на нашиот Мекејлеб(овски).

Горан Момироски