На аеродромите во Скопје и во Охрид се очекува дека 2022 ќе биде исполнета со многу работа, вклучувајќи инфраструктурен развој, како и континуирано враќање на патниците и авиокомпаниите, вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак во интервју за регионалниот авијациски портал Ex Yu Aviation News.

Како што вели првиот човек на ТАВ Македонија, македонските аеродроми заеднички оваа година опслужиле околу 1,4 милиони патници , што е околу 76 отсто повеќе од 2020 година, но 48 отсто помалку од 2019 година што се смета како  појдовна точка во воздухопловната индустрија.

Несомнено, ги видовме првите знаци на заздравување на воздушниот сообраќај на аеродромите во Скопје и Охрид во 2021 година, особено во текот на летната сезона кога европските земји ги укинаа забраната за патување за сопствениците на македонските пасоши. Покрај ова, многу странски земји имаа забрана за несуштински патувања од почетокот на пандемијата во 2020 година, која беше олеснета минатата година со сертификатите за вакцинација кои станаа главниот документ за воздушно патување низ целиот свет. За поголемиот дел од  земјите на Шенген зоната, сертификатите за вакцинација станаа еден вид замена за т.н. “суштинска причина за патување“ која беше главната пречка за воздушните патувања за македонските граѓани, вели Батак. 

Според анализата на Меѓународниот совет на аеродроми на Европа (ACI) од окомври 2021 има подобрување на нивото на патничкиот сообраќај, меѓутоа на нееднакво темпо. Аеродромите сега се подготвуваат за влијанието на Омикрон. Како што вели Батак, авијацијата е високо интернационализиран бизнис кој е зависен од глобалните настани.

Во интервјуто, тој открива дека постои план за проширување  на Охридскиот аеродром.

Постои план за развивање и проширување на инфраструктурата на охридскиот аеродром , а градежните работи ќе бидат извршени фаза по фаза. Проширувањето зависи од многу фактори. Прво и најважно е зголемувањето на воздушниот сообраќај, како и динамиката и реализацијата на проектот за рехабилитација на пистата на скопскиот аеродром. Се разбира влијание на проектот ќе има ситуацијата околу Омикрон во поглед на  ограничувањата на воздушните патувања од страна на земјите на ЕУ, каде е концентриран речиси 80 отсто од македонскиот воздушен сообраќај, истакнува Батак. 

Според него, проценката за бројот на патници за 2022 година е отежната поради неизвесностите предизвикани од пандемијата.

Иако постојат различни сценарија, глобалните авијациски тела предвидуваат заздравувањето да продолжи во 2022 година и да достигне околу 80% од пред-пандемските нивоа. Севкупно, опоравувањето на македонскиот пазар треба да се движи во рамките на прогнозата на ACI за глобално заздравување на воздушниот сообраќај. Можеме да ” се зголемиме” малку побрзо од развиените воздухопловни пазари на ЕУ со оглед на тоа дека пред кризата важевме за развивачки и брзорастечки пазар. Анализата на ACI за европските аеродроми, покажува дека во 2024/2025 година ќе се вратиме на нивоата пред кризата . Затоа, нашето очекување е во согласност со проценките направени од познатите глобални воздухопловни организации, околу 80 отсто патнички сообраќај во 2022 година, вели Метин Батак. 

OhridNews