Ограничувањето со Устав на висината на буџетскиот дефицит, без притоа да се земат предвид релевантните економски параметри претставува сериозен ризик смета универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети. На научната трибина што неодамна се одржа во Охрид во организација на МАНУ, тој предупреди на можните негативни ефекти од ваквата мерка, бидејќи, како што рече, се ограничуваат можностите за соодветна реакција на државата при неповолни економски состојби.
-Најкритично ќе биде доколку се ограничиме со Устав и ги направиме тие „златни правила“ за лимитирање на јавниот долг две години од сега. Кој гарантира дека во 2018 година земјата нема да западне во економска криза и тогаш државата ќе биде во челична кошула и нема да може да се зајмува.-вели Беџети.
Академик Беџети смета дека државата на располагање има и други економски инструменти за проектирање на јавниот долг, посочувајќи дека многу поважно е дали тој поттикнува раст на БДП или не.
-Секоја маргинална единица на раст на јавниот долг се додека генерира маргинална единица плус позитивен ефект е во ред. Ако ни расте долгот од 50 на 51 пороцент, добиваме ефект од најмалку 1,1 процент пораст на БДП, тогаш е ОК и нема потреба да влегуваме во некаква челична кошула.-објаснува Беџети.
Според него економските политики на државата не се доволно оптимизирани и има голема непродуктивна потрошувачка, што може да го загрози нормалното функционирање на јавниот сектор.
-Непродуктивната потрошувачка ќе доведе до неспособност на јавниот сектор да ги измирува долговите на време. Веќе доаѓаме во таква ситуација, се задожуваме со нови 100 милиони евра за да вратиме 90 и ова последните две три години е перманентен тренд.-рече Беџети.
Собранието во средата ги утврди нацртите на 7 амандмани на уставот, меѓу кои и предлогот со кој фиксно се утврдува дека дефицитот на Буџетот не смее да надмине ниво од 3 отсто од бруто домашниот производ, а јавниот долг не смее да надмине ниво од 60 отсто од БДП.
Г.М.