Американскиот амбасадор Џес Бејли преку соопштение порача дека во изминатите 15 години САД вложиле огромни средства за развојот на македонскиот судски систем и дека сите „приказни во медиумите за некои теории за заговор и обвинувања за мешање во македонските внатрешни работи“ се апсурдни. „Веруваме дека повеќето граѓани на Македонија, како и ние, ја препознаваат апсурдноста на приказните во медиумите за некои теории на заговор и обвинувања за американско мешање во македонските внатрешни работи или за акции за дестабилизација на земјата. Ние сме доста отворени за нашите програми и ангажман. Во минатите 15 години, американската влада придонесе со повеќе од 55 милиони долари за развојот на капацитети на македонските судови, судии, обвинители, адвокати и претставници на полицијата за своите мандати да ги извршат професионално, транспарентно, ефикасно и со кредибилитет“, објасни Бејли.
Според американскиот амбасадор, повеќе од 600 судии, 300 јавни обвинители, 150 адвокати и преку 2 илјади полицајци имаа корист од овие напори на САД.
„Моменталната политичка криза во Македонија покрена обвинувања за злоупотреба на власта и можно криминално однесување, сето тоа комбинирано со обвинувања за мешање и влијание врз судството и обвинителството. Како одговор на ова, лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија се согласија и Собранието едногласно гласаше за формирањето на нова независна институција – Специјалното јавно обвинителство. Дали СЈО ќе успее во спроведувањето на независни, непартиски и професионални истраги, со целосната поддршка од сите институции, е вистински тест за владеењето на правото во оваа земја“, порача Бејли.
„Земајќи ја предвид важната улога во воспоставувањето на правна одговорност, САД го поддржува СЈО со тренинг и помош, исто како што го поддржуваше судскиот систем во Македонија, јавниот обвинител и полицијата, уште од независноста на Македонија. Овој ангажман ја покажува нашата длабока посветеност кон владеењето на правото и помагањето на народот во Македонија да се реши моменталната криза, да развие силни демократски институции и да се придвижи напред кон членството во ЕУ и НАТО. Остануваме доследни на оваа посветеност“, заклучува американскиот амбасадор.
OhridNews
извор Макфакс