Општина Охрид и другите општини кои сеуште не се влезени во втора фаза на децентрализација, ќе го отпочнат тој процес во 2012 година, најави министерот за локална самоуправа Невзат Бејта, кој вчера беше во посета на општина Струга.

-Нема да има проблем. Владината комисија која работи во состав на Министерството за финансии ги разгледува опциите за решавање на ова прашање, ќе се отстранат пречките и од 1 јануари 2012 година и овие општини ќе влезат во втора фаза на децентрализација, изјави Бејта.

Што се однесува до кредитот за сервисирање на старите долгови, за кој општина Охрид сеуште нема добиено согласност од Министерството за финансии, министерот за локална самоуправа е оптимист дека и тоа прашање ќе се реши позитивно, иако не прецизираше кога и како.

-Со кредитот е друга работа, но ние ќе се трудиме општина Охрид да ги добие тие средства,додаде Бејта.

Министерот Бејта во рамки на посетата на Струга се сретна со градоначалникот Рамиз Мерко, кој воедно е и претседател на Југозападниот плански регион. Притоа во фокусот на разговорите била распределбата на средтвата од буџетот на општините и планските региони, како и искористувањето на средствата од европските фондови.

OhridNews