Охрид во ритамот на забавата ја мина првата Бела ноќ, која викендов привлече илјадници посетители на ривиерата каде угостителските објекти работеа нон стоп со попусти од 10-30 проценти. Локалната самоуправа, која е организатор на манифестацијата, најавува дека Белата ноќ ќе прерасне во традиција, која во иднина ќе биде поорганизирана и помасовна.
-Започнуваме со една активност во која ќе бидат вклучени охридските ноќни клубови, плажи, ресторани, кафетерии… со кои ќе организираме заедничка програма која ќе трае од самиот почеток на сезоната и повторно на крај од летото ќе заврши со голем заеднички хепенинг.-изјави Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.
Забавата кулминираше со голем огномет на градскиот плоштад каде настапија диџеите Лефанк и Ајсберг, Панчо и ДНК, а целовечерен концерт одржа поп дивата Каролина Гочева.
-Јас го сакам Охрид и поминувам голем дел од летото во Охрид. Ззнаеме дека во неколку викенди во август и на крај од јули е најголемата гужва, меѓутоа мислам дека во тек на цело лето треба да се привлекуваат туристи постојано и сметам дека со ваков тип на манифестации тоа ќе се успее.-рече Каролина.
Охриѓани ја поддржуваат манифестацијата “Бела ноќ“, за што говорат и резултатите од анкетата што ја спроведе OhridNews.
-Прекрасна манифестација која се надевам дека ќе прерасне во традиција која не само нас охриѓани ќе не извади надвор, туку ќе ги задржи и туристите.-ни изјави жителка на Охрид.
И гостите, меѓу кои имаше и познати јавни личности уживаа во Белата ноќ, со која беше означен почетокот на главната туристичка сезона, која сите сакаат да биде подолга, а дел од нив и со конкретни предлози како да се направи тоа.
–На почеток на секоја сезона би викнала некоја светска ѕвезда и на крај од сезоната исто, така Охрид би привлекол уште повеќе гости, а вие имате градоначалник доктор за срце, па нека викне кој сака.-предложи познатата актерка Весна Бејби Петрушевска.
Манифестацијата беше збогатена со бројни уметнички перформански, културни настани и презентација на туристичките потенцијали и старите занаети на Охрид.