По 12 часа преговори во Охрид со посредство на високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти доцна синоќа постигнаа согласност за имплементација на договорот постигнат на 27 февруари во Брисел помеѓу Србија и Косово.
Како што појасни Борел по завршувањето на дијалогот, имплементацијата на договорот значи практични чекори што треба да се направи, кога, кој и како.
Тоа, како што рече Борел, доаѓа по долги и тешки преговори. Посочувајќи на одредени детали од разговорите, Борел истакна дека косовската страна се согласила со посредство на ЕУ неодложно да отпочне дијалог за воспоставување специјален договор со кој ќе се гарантираа самоуправа на српските заедници во Косово.
Борел истакна дека она што е прифатено од двете страни ќе стане интегрален дел од нивните одвоени напори во процесот за приближување и зачленување кон ЕУ. Она што е ветено од Белград и Приштина, ќе биде и формално обврска на патот кон ЕУ, а неисполнувањето ќе има негативни последици.
По 12 часа постигнавме договор како да се имплементира договорот постигнат на 27 февруари помеѓу Србија и Косово. Можам да соопштам дека Косово и Србија се согласија за анексот за имплементац
Морам да нагласам дека за отворањето на патот кон стратешката цел за членство во ЕУ, Србија и Косово мора да ги нормализираат односите, нема заобиколен пат. А Анкесот на овој договор е важен чекор за тој пат да стане реалност, истакна Борел.
Договорот го поздрави и американскиот преставник за Западен Балкан, Габриал Ескобар, истакнувајќи дека тој е неопходен за воспоставување на мирољубиви и предвидливи односи меѓу двете страни.
Тоа не само што ги отвора вратите за евроатланска интеграција на двете земји, туку ја отвора и вратата на регионот за нова ера на мир, рече Ескобар
Тој им се заблагодари и на премиерот Димитар Ковачевски и на Владата за организацијата на средбата.
Премиерот Димитар Ковачевски го поздрави постигнатиот договор, потенцирајќи дека станува збор за значајно оставрување и дека мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес за целиот Западен Балкан кон ЕУ.
OhridNews
Фото: МИА/ЕПА