И покрај тоа што полека навлегуваме кон зимата, деновиве, на полјанките во месноста Далјан може да се забележи присуството на два бели штркови од родот Ciconia Ciconia (Lat.), што е сосема невообичаено не само за овој период, тука и за Охрид, знаејќи дека овие птици најчесто свои колонии имаат во Беличишта и околу блатото Сини Вирој, како и во дел од населбите околу Струга.

Штрковите заедно со ластовичките се првите знаци дека зимски месеци завршуваат и почнува новата сезона, односно тие ја навестуваат пролетта. Колониите од Македонија ги напуштаат во втората половина на август, односно празникот Преображение се смета дека е денот кога тие заминуваат кон Африка, и зимското време го поминуваат во саваните на Кенија, Уганда како и Јужна Африка.

Белите штркови забележани кај месноста Далјан изгледаат сосема здраво, се движат низ полјанката и се обидуваат да се прехранат, така што очигледно е дека, најверојатно поради дезориентираност, останале во Охрид.

И стручните лица кои ги контактиравме се сомневаат дека штрковите можеби се изгубени во миграција. Велат дека треба да се набљудуваат за да се заклучи дали тоа навистина е така и дали ќе презимат кај нас.

Охридњуз, апелира, до надлежните служби и граѓанските организации што се грижат за заштита на животната средина да преземат иницијативи, да го следат случајот и да ги спасат белите штркови доколку птиците останат тука, бидејќи наскоро доаѓа зимата и шансите за нивно преживување ќе бидат минимални поради ниските температури и ограничените ресурси на храна што тие ја конзумираат.

OhridNews