Без добра бизнис клима и законска регулатива која ќе се почитува, земјите од регионот неможат да привлечат инвестиции од што зависи и развојот на компаниите и трговијата со нивните акции на берзите, која не е на задоволително ниво, посочуваат берзанските експерти, кои учествуваат на  интерната конференција на Работниот и Извршниот комитет на Евроазиската федерација на берзи, што се одржува во Охрид .

-Неопходно е да се создаде клима за берзанско работење, инфраструктура што ќе овозможи пристап на инвеститорите на пазарот на акции, како и целосна заштита на потенцијалните инвеститори. Откако сите овие предуслови ќе се обезбедат, интересот на странските инвеститори неизбежно ќе се појави, вели Хусеин Еркан од Истанбулската берза.


Претставниците на финансиски институции и берзи од поширокиот регион во Охрид дискутираа за начините на кои ќе продолжат да обезбедуваат конкурентни и остварливи опции за финансирање на државниот и приватниот сектор, преку подобрување на своето работење во делот на нови технологии и воведување нови услуги кои ќе се нудат на пазарните учесници.  Според нив целта не е задружување во регионална берза, туку изградба на стратегија за  промоција на националните берзи со цел да се сврти вниманието на големите инвеститори кон регионот.

– Многу повеќе треба да се работи на промоција, на укажување на големите инвестициони фондови што имате на вашата берза, какви компании, со какви финансиски резултати, тука берзите заеднички можат полесно поефиксано и поевтино  да ја прават таа промоција на светските берзи.-истакна директорот на Македонската берза, Иван Штериев.

Претставниците на берзите  укажуваат дека покрај меѓусебна соработка, изградбата на потребната инфраструктура и регулатива, земјите од регионот ќе треба да поработат и на создавање на финансиска култура, која ќе придонесе за поголема ефикасност и ажурност на берзите, но и ќе ја зголеми довербата кај инвеститорите за компаниите во земјите од Балканот.