Бесплатен градски превоз се до намалување на загадувањето, прекин на сите градежни активности на градилиштата, интезивно миење на градските улици, зајакнати инспекциски надзори, ограничување на обуките на автошколите, се само дел од вонредните мерки кои што Градот Скопје ги воведува со цел намалување на загадувањето во главниот град.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на прес-конференција апелираше да не се користат возилата без потреба и граѓаните да се организираат и да користат заеднички превоз, но и за затоплување да не се користат отпадни материјали, туку само суво дрво. Автобусите во наредниот период се додека се на сила вонредните мерки за намалување на загадувањето, ќе сообраќаат зачестено, а превозот ќе биде бесплатен.  Шилегов рече дека и тој самиот со личен пример ќе придонесе за почитување на мерките–на работа ќе доаѓа пеш или со градски превоз, но на располагање го има и електричното возило кое го поседува градот. Службените возила на градот ќе ги користат само од инспекторатот.