По повод празникот 8 – ми Септември – денот на независноста на државата, од 11 часот ќе започне културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“ во чии рамки се обезбедува бесплатен влез за граѓаните во културните установи, музеи и галерии во целата Република.
Завод и Музеј – Охрид ќе ги отвори своите објекти. Музеј Куќата на Робевци, Самуилова тврдина, Залив на коските – Градиште и Галерија на икони ќе бидат отворени за посетителите и влезот ќе биде слободен, велат од установата.
Сите заинтересирани граѓани, ќе имаат можност до 20:00 часот бесплатно да ги посетат и археолошките наоѓалишта „Стоби“ и „Хераклеја“, музеите и заводите во Прилеп, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија. Граѓаните и во Битола, имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука, како и Музејот на Западна Македонија во НОВ во Кичево, информираат од владината прес служба.
Во Скопје, додаваат во соопштението ќе бидат отворени, со бесплатен влез за сите заинтересирани граѓани Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Музејот на современата уметност, како и Даут пашиниот амам и Чифте амамот.
OhridNews












