Охрид се приклучи кон одбележувањето на Светскиот ден на борба против беснилото со бесплатна вакцинација на домашни миленици. Таа се врши на пункт кај Скејт паркот во близина на плажата Куба Либре и ќе трае до 14 часот. Може да се вакцинираат миленичиња на возраст од над три месеци.

Настанот кој освен во Охрид се одржува во уште осум градови низ Македонија е под мотото „ Здрави животни, здрави луѓе“, а во организација на Делегацијата на Европската унија и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Изминатите неколку месеци во Македонија се регистрирани четири случаи на беснило кај две лисици и два волка. Во 2010 година, пак, беснилото беше ендемична болест во голем дел од Европа, а главниот преносител на вирусот е лисицата.

OhridNews