Апсолветните од социјално загрозените семејства во идина ќе добијат ваучери за набавка на компјутери во вредност од 15.500 денари, како дел од најновиот пакет владини економско-социјални мерки.

Според министерот  за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, се проценува дека можностa со ваучерите ќе може да ја искористат околу 3.000 студенти.

За  спроведување на проектот, како и претходните два пати кога Владата доделуваше ваучери, МИОА и Министерството за финансии подготвуваат закон за ваучери. Во него детално  ќе бидат  наведени критериумите што треба да ги исполнуваат студентите, компаниите кои ќе можат да се пријават за да се искористат ваучерите во нивните центри, како и критериумите за институциите кои ќе ги доделуваат ваучерите. По стапувањето во сила на законот МИОА или МФ ќе ги набават ваучерите и ќе ги предадат на Министерството за образование кое пак ќе ги проследи до студентите.

 Во тек е подготовка и на софтверската апликација на која ќе аплицираат  универзитетите со корисничко име и лозинка за да може  да ги внесат податоците на студентите.

 Владата досега има доделено ваучери за набавка на компјутери два пати.  Ваучери за таа цел досега добија 12.000 студенти при првата распределба и 10.500 при втората распределба.

OhridNews