Со цел стимулирање на социјалната интеграција на невработените лица и подобрување на нивните квалификации за идно вработување, Општина Охрид согласно Годишната програма на одделението за локален економски развој за 2022 година, во која се предвидени: “Активни мерки за подобрување на конкурентноста на пазарот на труд”, распиша конкурс за спроведување на бесплатни курсеви.

Истите се однесуваат за сметководство, дактилографија на компјутер, курс за ЦНЦ машини, основен курс за компјутери, office канцелариски курс, вонредно дооформување на образование на возрасни само за социјално загрозени лица, ракувачи на парни котли, монтер на нисконапонски инсталации, козметичар, професионално, шминкање, слаткар и германски јазик А1/1, информираат од Општина Охрид.

Предност на пријавување за овие курсеви имаат лицата кои се со статус на невработени лица во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија – Центар за вработување Охрид, евидентирани како лица кои активно бараат работa и социјално загрозени лица кои ќе достават потврда од Центар за социјални работи, но и вработени кои сакаат да се докфалификуваат и прекфалификуваат, се додава во соопштението.

Курсевите ќе започнат, велат во соопштението, доколку се оформи група од 10-15 учесници. Општина Охрид го задржува правото некој од курсевите да не се реализира доколку нема заинтересираност.

Изборот на учесниците ќе биде по принципот “Прв дојден, прв услужен”. Кандидатите кои се пријавуваат на Конкурсот, треба да ги пополнат потребните обрасци поставени на интернет страната www.ohrid.gov.mk.

OhridNews