Аптека 7 на „Виа Фарм“

Од 13.11.2019 - 12:00 до 14.11.2019 - 15:00

Според официјалните податоци над 200.000 илјади граѓани на Македонија боледуваат од дијабетес, но се смета дека оваа бројка, која, за жал, расте од ден на ден, е поголема. Светот 14 ноември го обележува како ден на дијабетесот преку глобална кампања предводена од Светската здравствена организација (СЗО) за да се зајакне свесноста на граѓаните за потребата од засилена грижа за превенција на оваа болест.

Кон глобалната кампања се приклучуваат аптекарскиот бренд „Виа Фарм“ и очната болница „Деница“. Како општествено одговорни здравствени установи, кои во континуитет спроведуваат најразлични активности што имаат за цел да придонесат за унапредување на свесноста на граѓаните за поголема здравствена грижа, на светскиот ден на дијабетот, 14 ноември (четврток), во аптеката бр 7 на „Виа Фарм“, на ул. „7ми Ноември“, во периодот од 12 до 15 часот, тие организираат едукативен настан за влијанието на дијабетесот врз здравјето на очите. Д-р Сашо Ѓорѓиоски, офталмолог хирург од Специјалната очна болница Деница ќе ги советува граѓаните, кои од него ќе имаат можност да чујат корисни информации како да ги заштитат своите очи и воопшто здравјето. Д-р Лиљана Б. Ангелеска спец. по интерна медицина, субспец. по ендокринологија, од Центар за дијабетес – Охрид, пак, ќе врши бесплатно мерење на шеќер во крвта.

Настанот е поддржан од здружението на дијабетичари – Охрид.

Дијабетесот е хронично системско пореметување на метаболизмот, кое се карактеризира со хипергликемија, т.е. трајно зголемување на нивото на глукоза во крвта. Генерално е условен од наследни фактори, а настанува како последица на намалено излачување или намалено биолошко дејство на хормонот инсулин, односно во комбинација на овие два фактори. Тој недостаток ја попречува размената на јаглени хидрати, масти и белковини во организмот (што се манифестира со карактеристични тегоби), а по подолго време влијае и на структурата и функцијата на крвните садови, нервите и другите витални органи и органски системи.

Дијабетесот денес се вбројува меѓу најчестите ендокринолошки заболувања, со тенденција на зголемен пораст (особено во развиените земји на светот). Тоа е последица на модерниот стил на живот и зголемениот број на надворешни етиолошки предизвикувачи, меѓу кои посебно се издвојува претераниот вишок на килограми. Шеќерната болест најчесто се јавува во поодмината животна возраст како последица на општите дегенеративни и склеротични промени во организмот (кои го зафаќаат и панкреасот), а кај младите лица може да настане поради генетски пореметувања или оштетувања на панкреасот кај одредени заразни заболувања.

Светскиот ден на дијабетесот за прв пат се одбележува во 1991 година како одговор на зголемената загриженост од растот на овој здравствен предизвик кај луѓето во светот. Во 2006 година, пак, со усвојувањето на резолуцијата 61/225, Обединетите нации го прогласуваат за официјален ден и истиот го одбележуваат секоја година на 14 ноември, роденденот на сер Фредерик Бантинг кој заедно со Чарлс Бест, во 1922 година, го откриваат инсулинот. Оваа година Светскиот ден на дијабетесот се организира под мотото: „дијабетес – препознај ги знаците, заштити го семејството“.

OhridNews