Охриѓани имаат можност да добијат бесплатни совети за нивните права како потрошувачи во ново отворената Канцеларија за заштита на потрошувачи во Општина Охрид. Со донесување на Програма за заштита на потрошувачите за 2022-2023 година Општина Охрид за прв пат ќе овозможи заштита на потрошувачите преку директен контакт со нив  два пати неделно во периодот од 10 до 14 часот.

Претсетдателот на Советот за заштита на потрошувачи на Општина Охрид, Вангел Спироски денеска на прес-конференција информира дека канцеларијата работи од неодамна и дека почнале со едукација на вработените во јавните претпријатија со цел да ги запознаат за нивните права како потрошувачи и како да постапат доколку имаат одреден проблем.

Согласно програмата, тој информира дека предвидено е советување на потрошувачите нивна едукација, следење на состојбите на локалниот пазар од интерес за потрошувачите и нивно информирање.

Предвидено е едукација на децата потрошувачи од основните училишта во општината преку обработка на теми за заштита на потрошувачи во рамките на предметот „Вештини на живеење“, организирање награден квиз „Потрошувач – тоа сум јас“ со прашања поврзани со заштитата на потрошувачи во основните училишта и доделување на три награди за најуспешните учесници. Информирање на потрошувачите преку пласирање на лесно разбирливи и родово чуствителни информации, практични совети, најчесто поставувани прашања со одговори со одредена редовна динамика на социјалните мрежи и веб страниците на Организација на потрошувачи Охрид и Општина Охрид, истакна Спироски.

Посочи дека покренале иницијативи за формирање сектори за грижа на корисници во јавните претпријатија и надоградба на нивните веб страници со можност за поднесување на електронска поплака и добивање на електронски одговор

Зајакнувањето на позицијата на потрошувачите и ефикасната заштита на нивната сигурност и нивните економски интереси, дигитализацијата, енергетската ефикасност, климатските промени, активностите за рамноправна застапеност и подобрување на положбата на потрошувачите жени и мажи и одржливата потрошувачка претставуваат клучна цел во Програмата за заштита на потрошувачите на Општина Охрид., вели Перчо Божиновски, претставник од Општина Охрид.

Основна цел на Програмата за заштита на потрошувачите со вграден аспект на одржлива потрошувачка и родов аспект, е фокусирана на едукација на јавноста за заштитата на потрошувачите и подобрување на состојбите со потрошувачките права и практики во Општина Охрид во наредниот двегодишен период, согласно со двегодишните програми за заштита на потрошувачите на Република Северна Македонија, која на предлог на Министерството за економија ја усвојува Владата на РСМ. За да се достигне овој развој, потребно е потрошувачите да имаат доверба и да бидат подобро информирани за бизнис-операторите и начинот на кој стопанисуваат тие. Ова значи дека нивните основни права за безбедност, едукација и информираност, заштита на економските интереси, пристап до правдата, претставување и застапување, пристап кон основните добра и услуги, треба да бидат имплементирани и да зајакнуваат.

Да се подобри заштитата на потрошувачите во Општина Охрид не е само прашање за унапредување на правата на потрошувачите, туку тоа претпоставува и изградба на такво опкружување што помага потрошувачите да ги користат своите права, да имаат пристап до информации и советување, да ги препознаваат основните стандарди за безбедност на производите и нечесните практики на пазарот, додава Божиновски.

Н.С.Ј.