На 3-ти февруари, сабота, во 11:30 во Струга и во 14:30 во Охрид, ќе се одржи бесплатно предавање „ревенција и рана дијагностика на Алцхајмеровата болест/деменција“.
Наменето е за сите граѓани од Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца над 60 години и нивните фамилии. На самото предавање ќе се објасни како да се препознаат симптомите на болеста и на кои се начини може да се забави процесот на заболување. Предавач е д-р Драган Илиевски-претседател на Здружението за Алцхајмерова болест-Македонија. Местата се ограничени, заинтересираните за учество на предавањето можат да се јават на 077 855 155 (за Охрид) и 077 817 432 (За Струга).
Според најновите истражувања, ризикот за тоа кој ќе заболи од Алцхајмеровата болест/деменција може да се предвиди уште пред 10-20 години пред клиничката манифестација на болеста.
Според најновите извештаи на Светската здравствена организација, Алцхајмеровата болест (деменција) претставува сѐ поголем глобален здравствен, медицински, социјален и легислативно-правен проблем во целиот свет. Таа е една од водечките болести во светот со околу 27 милиони заболени луѓе, а до 2050 година се предвидува дека тој број ќе се зголеми до 50 милиони заболени од оваа засега фатално заболување на мозочното ткиво. Во текот на март и април ќе се организираат и викенд работилници за здраво готвење, и јога часови за витално стареење.
Оваа активност е дел од под-проектот „И старите можат“ кој е спроведуван од Локалната агенција за развој до Струга која е членка на Мрежата Инклузива М за социјална инклузија на старите лицата од трета доба во Република Македонија од 2016 година. Под-проектот се спроведува во рамки на Регионалниот проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица” поддржан од од Европската унија, со финансиска поддршка на Австриската агенција за развој и Австрискиот црвен крст, кој Црвениот крст на РМ во Македонија го спроведува во заедничко партнерство со здружението Хуманост.
OhridNews












