Репрезентацијата на Република Ирска славеше со 2:0 над Македонија  во квалификацискиот натпревар за пласман на ЕУРО 2012, што се одигра на реновираната национална арена „Филип Втори“ во Скопје. Бестрашните Ирци не подлегнаа на прекрасната атмосфера на речиси исполнетиот стадион и со головите на немилосрдниот Роби Кин кој ги казни грешките на домашната одбрана стигнаа до вредни три бода, вкупно 13 во квалификациите, колку што на делба на првото место уште имаат Русија и Словачка.

Капитенот на Ирска во 8-та минута испрати проектил кон голот на Богатинов од далечина, топката го допре Новески и се закопа во мрежата. Пет минути подоцна Пандев излезе очи во очи со Гивен кој го доби дуелот. Македонскиот капитен подоцна беше соборен од Оши во шеснаесетникот на Ирска но играта не беше прекината, а на спротивната страна на Ирците им беше поништен гол поради крајно сомнителен офсајд. Во 37-та минута Грнчаров направи почетничка грешка во обид да ја врати топката до голманот, што вешто ја искористи Кин за 0:2. Три минути подоцна вториот старт врз Пандев во шеснаесетникот на Ирска беше окфалификуван како најстрога казна, но Тричкоски од пенал ја погоди само пречката.

Во второто полувреме Ирска се повлече, а Македонија со јалова иницијатива не успеа посериозно да го загрози голот на Шејн Гивен, кој одлично реагираше по ударот на нововлезениот Марио Ѓуроски од далечина, што беше и единствениот конкретен обид на нашите репрезентативци во продолжението.

По овој пораз Македонија останува претпоследна во Б групата со само 4 бода од шест натпревари и речиси без никакви шанси да се вмеша во битката за местата кои водат на ЕП.

OhridNews