Без соодветна промоција, добра санитарна инфраструктура и редовно одржување на хигиената не може да има успешен кампинг туризам.  Автокамповите на Охридското крајбрежје имаат основна инфраструктура потребна за развој на кампинг- туризмот, но потребно е и нивно понатамошно осовременување доколку се сака да се привлечат туристите од европски пазар. Тоа е ставот на експертот од Германија, Волфганг Фромер кој денововие престојува во регионот, како дел од проектот на германската Влада за поддршка на кампинг-туризмот во Западен Балкан, што се имплементира преку Друштвото за техничка соработка (ГТЗ).

Наша цел е преку овој проект да го подигнеме кампинг-туризмот на Балканот на повисоко ниво, со цел да ги донесеме тука германските, холандските, австриските, швајцарските кампери , кај кои постои голем интерес за нови дестинации. Тука сме да им помогнеме на сопствениците на автокамповите во насока на подобрување на стандардите, но и преку советодавни активности да изградиме стратегија за развој на овој вид туризам во регионот, рече Фромер.

До 2012 година потребно е да се осовременат санитарните јазли, да се преземат активности за подобрување на севкупната хигиена во објектите и околината, како и маркетиншки да се промовираат, особено преку Интерент.

– Стандардот на автокамперскиот туризам постојано се развива, тој бара секојдневни подобрувања и вложувања. Околу 80 отсто од германските туристи се информираат за новите дестинации преку Интернет, така што тука сме да им отвориме можности за активно вклучување во промотивни кампањи, рече германскиот експерт.

Овој Проект за поддршка на кампинг-туризмот на Западен Балкан, предвидува обединување на автокамперската понуда на пет држави од регинот – Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, во мрежа преку која заеднички ќе ја промовираат нивната понуда, но и ќе ги зголемат можностите за привлекување инвеститори во овој вид туризам.

Т. Кувенџиска