Детски забавни реквизити, тезги, подвижни сендвичарници, расчадени оџаци и продажба на секаква храна на отворено . Ова е сликата во туристичката сезона во центарот на Охрид  каде неодамна беше поставен споменикот на Св. Наум со што се заокружи духовниот тријаголник кој го сочинуваат уште и спомениците на Светите Кирил и Методиј и на Св. Климент, во чија близина наместо достојни содржини поставена е бокс машина. Силните удари во неа ги амортизира гласната музика која ечи од сите страни на градот и ги попречува културните збиднувања на фестивалот Охридско лето и другите манифестации. На премиерата на претставата „Свадбата на Фигаро“, викендов на Долни Сарај,  поради гласната музика која доаѓаше преку Езерото публиката во завршниот дел не можеше да ги чуе репликите на глумците.


Градските власти не чувствуваат одговорност за нередот во центарот на градот, кој според нив е последица на неспроведување на одлуките на Советот кој уште во февруари едногласно ја донесе програмата за поставување урбана опрема во центарот на градот.


-Надлежни за спроведување на оваа одлука се инспекциските служби. Тука треба да делува Комуналната инспекција и сите инспекции што се во подрачните единици на министерствата, како што е пазарната инспекција, трудовата инспекција, Дирекцијата за храна, меѓутоа очигледно тоа не функционира како што треба, вели Душко Јаковчески, претседател на Советот на општина Охрид.


Од општинскиот комунален инспекторат информираат дека постојано се на терен и дека нема ден, а да не поднеле пријава против некој од бројните прекршители, но не можеле сами да се справат со ситуацијата, затоа што не добивале поддршка од државните инспекции.


-Иако барамe и нудиме координација таа не постои. Единствено добиваме помош од полицијата која ни излегува во пресрет, додека другите инпсекции за жал како да се отсутни, а без нив тешко дека ние ќе можеме да се справиме со состојбата, затоа што секоја инспекција си има свои надлежности. Доколку и во иднина тие продолжат вака да се однесуваат тогаш се поставува прашањето зошто воопшто постојат инспекциите, изјави Танас Танасоски, раководител на општинскиот инспекторат.


И додека надлежните институции и инспекции не можат да се координираат, разните продавачи и препродавачи го завземаат секој слободен простор во центарот на Охрид и создаваат слика која не му доликува на најтуристичкиот град во земјата.

OhridNews