Очигледно дека и младите во земјава не се имуни на големата „гејминг“ експанзија, која во последната деценија и половина зема се поголем замав во светот. Доказ за тоа се милионите „онлајн“ играчи на популарните видео-игри во текот на денот, бројните натпревари кои се организираат на европско и светско ниво, како и големите суми на пари кои мега компаниите од ИТ индустријата ги вложуваат во овој „спорт“.

Но несомнено дека во последните осум години, охридскиот гејминг тим ENTiTY е неизоставен дел од оваа „револуција“ на 21-виот век, застанувајќи „рамо-до-рамо“ со „гејмерите“ во светот. Со минимална поддршка од институциите и приватниот сектор, како и оскудните услови за „работа“ карактеристични за земјава, ENTiTY во изминатите години преку популарната Counter Strike, прерасна во вистински амбасадор на Охрид и земјава вон границите на Македонија.

„Светот на гејмерите зема се поголем замав, без разлика за кои видео игри се работи. Не е веќе како порано, бидејќи самите игри бараат многу мислење, договорање, фокус, концетрација и тактики, кои помагаат една личност да созрее. Како ENTiTY постоиме од 2008 година, а тоа се речиси шест години поминати во тренинзи и натпреварувања. Често не прашуваат колку е потребно да вложиме за да се натпреваруваме во Кореја, Кина, Полска, Русија, Шпанија или било каде во светот.“ – вели Јован Каланоски од македонскиот гејминг тим ENTiTY.

Број 1 на Балканот, во топ 10 на светската листа

Кога ќе се погледне биографијата и целосното портфолио кое стои зад гејминг тимот ENTiTY, бројките се „запрепастувачки“. Почнувајќи од првите места на балканските и регионални натпреварувања, па се до „врвот“ на Европа и остатокот од светот.

„Нашиот град имал таква среќа, да нашиот гејмерски тим е број еден на Балканот и во топ 10 во светот во конкуренција на 100 000 екипи. Во Кореја како земја на видео-игрите, завршивме како 8-мо пласирани на Светското Првенство, притоа елиминирајќи го домашниот тим. Сме победиле доста големи репрезентации на светско ниво, сме покажале добри резултати, сме биле во Лос Анџелес, во Варшава, Москва, Шпанија и каде уште не. Никаде не сме потклекнале и секогаш гордо сме го кревале знамето на земјава и општина Охрид. На Балканот сме освоиле повеќе од 25 натпреварувања, како надмоќни над останатите тимови од регионот. Едноставно, тренинзите се исплатија.“ – објаснува Каланоски.

Секојдневни тренинзи вон работните обврски

Како што вели нашиот соговорник, тренинзите на ENTiTY за популарната Counter Strike се одвиваат во вечерните часови, што само по себе претставува „жртвување“ на слободното време наменето за одмор.

„Можеби звучи грубо, но скоро секојдневно во вечерните часови вежбаме по пет-шест саати. Многу сме вложиле, ама затоа сме постигнале нешто. На 25-ти мај учествуваме на голем турнир во Белград, каде ќе бидат присутни јаки тимови. Мора да се спремиме, да се покажеме, да вложиме финансии и време, за да постигнеме резултат. И во идниот период има турнири за кои се надевам дека ќе учествуваме. Како и да е, ќе се потрудиме да дадеме се од себе за достојно да се претставиме.“ – вели Каланоски.

Финалните натпревари ги следат и по 300 000 гејмери

Дека Counter Strike важи за една од најпопуларните видео-игри, говори фактот дека финалните натпревари помеѓу квалитетните екипи, на интернет ги проследуваат стотици илјади гејмери од сите краеви на светот.

„Гледаноста расте, а секој популарен натпревар помеѓу две моќни екипи го следат илјадници луѓе. Финалето во Полска го следеа 300 000 гејмери. Мислам дека за четири-пет години компјутерските игри и гејминг сцената ќе биде на уште едно повисоко ниво. Како што вели еден мој другар, можеби овој „спорт“ ќе го има и на олимпијада. Во секој случај, како земја и како тим, не треба да ја испуштиме шансата, да не згасне сето ова, туку да продолжиме и да сме во чекор со високо-развиените земји.“ – истакнува Каланоски.

Изостанува поддршката од државата и институциите

За разлика од земјите во регионот каде приватниот сектор и државата на различни начини ги финансираат и потпомагаат овие активности на младите, во Македонија оваа поддршка од институциите изостанува.

„Во нашата земја се помалку ни посветуваат внимание. Во последно време бевме разочарани, бидејќи од страна повеќе не ценат. Како пример ќе наведам една српска организација, која што сака да играме за нив. Ако ги немаме нив, не ќе можеме да отпатуваме на ниту еден натпревар, било во Белград или Загреб. Во минатиот период, иако цело време сме поканети да учествуваме на турнири, тоа не можевме да си го дозволиме. Поканети бевме за силно натпреварување во Копенхаген, поднесовме барање до неколку установи и институции, но одговор не добивме. Едноставно не гуши нашиот систем, кој сериозно не ја сфаќа оваа гејминг револуција. Како и да е, повторно како тим ќе побараме помош од локалната самоуправа, државата и институциите, па ако не најдеме на поддршка, ќе треба да ги браниме боите на некоја друга земја од соседството.“ – вели нашиот соговорник.

„Гејмерите“ во странство добиваат плати

Во високоразвиените европски земји, „гемјерите“ и љубителите на видео-игри имаат можност професионално да се занимаваат со ова „хоби“. Во некои држави како Шведска, играчите потпишуваат договори со одредени тимови, но постои и можност за трансфер во други екипи зависно од условите кои се нудат на играчите.

„Голем дел од екипите во Европа професионално се занимаваат со овој „спорт“. За разлика од кај нас, каде условите се такви какви што се, во светот постојат играчи кои тренираат и земаат натпросечни плати, односно се ангажирани од различни организации. Се работи за сериозни цифри, а покрај плата добиваат и поддршка од спонзори, како бесплатен интернет, компјутери и целосна опрема. Ние вложуваме малку по малку, а се уште се соочуваме со лош интернет, слаби графички карти и други проблеми кои контиунирано во сите овие години се испречиле на патот кон успехот. Доколку се вложи нешто, барем некои оптимални услови, резулатите ќе бидат далеку поголеми. Ние со сите овие недостатоци, успеавме да се протнеме на патот до врвот, а сега останува тој истиот, некој да го зациментира.“ – вели Каланоски.

Еволуција на Counter Strike

Ако долги години ширум гејмерскиот свет се играше популарната верзија 1.6, во моментов екипите се натпреваруваат во далеку поперфектната Counter-Strike: Global Offensive.

„Доста време ја игравме верзијата 1.6 со која настапвиме секаде низ светот и тоа доста успешно. Пред нецели две години, имаше „апгрејд“, бидејќи играта не беше сменета од 2002-3 година. Големите компании бараа игра со појака графика, која ќе бара побрзи и подобри перфоманси. „Апрејдот“ предизвика еден шок и цели два месеци, постоеја коментари дека играта е упропастена. Но за краток период, играта беше средедна, а во моментов таа е перфектна и реална. Во просек во светот, на серверите за Counter Strike има околу 150 000 онлајн играчи, што ја прави во топ 3 видео-игри на светско ниво. Но Counter Strike тука не запира, бидејќи статистиките покажуваат дека има се поголем прилив на играчи. За тоа говорат и големите награди на турнирите во светот, кои се движат од 200 000 долари па нагоре. На еден начин, мотив повеќе да се посветиш и вложиш дел од себе во оваа гејминг револуција.“ – завршува Каланоски.

ENTiTY во DotA 2

По шест години натпреварување во Counter-Strike, македонскиот гејминг тим ENTiTY додаде и екипа за DotA 2, составена од „најдобрите играчи во Македонија“.

О. Трајчески