До неговата парцела се наоѓа трафостаница во сопственост на ЕВН. Поради потребите на сопственик од соседна парцела, како што тврди читателот, поставен бил подземен кабел кој минува низ неговиот дел, а при тоа не бил информиран ниту прашан за одобрение од страна на ЕВН.
– Сакајќи проблемот да го решам без одење на суд, неколку пати телефонски разговарав со лица вработени во ЕВН- Охрид, кои ми ветија дека ќе го отстранат кабелот од моето земјиште. Во декември бев во Охрид и лично се сретнав и разговарав со одговорните лица во ЕВН, подружница Охрид. Повторно добив ветување дека кабелот ќе биде отстранет, но до ден денес тоа не се случи, вели читателот. На неговата закана дека ќе поднесе тужба, од вработените добил одговор дека не им е грижа, затоа што ЕВН стои зад нив.
Кабелот доколку пречи ќе го тргнеме- велат од ЕВН. Потпаролот на оваа компанија, Атанас Ковачески за OhridNews потврди дека подземниот кабел од страна на екипите на ЕВН бил спроведен по барање на сопственикот од соседната парцела, при тоа не знаејќи дека дел од кабелот во должина од три метри, минува низ спорно земјиште, за чие утврдување на сопственост се води судски спор. Штом се реши сопственоста и доколку и понатаму тоа се бара од нас, ние ќе го дислоцираме спорниот дел од подземниот кабел, вели Ковачески.