Хидролошкиот мониторинг на Охридското Езеро е несоодветен за значењето на ова ретко природно богатство. По поплавите во 2010 година во Македонија и Албанија, со средства на германски ГИЗ во сливот на Охридското Езеро инсталирани се 4 автоматизирани хидролошки мерни станици и 4 метеоролошки на различни локации, но на државата е да обезбеди средства за нивно одржување и вработување на соодветен стручан кадар кој сега недостатсува, велат од Управата за хидрометеоролошки работи – УХМР.

Реално за целата држава потребен е број од минимум 10 хидролози инженери. Во минатото во Управата за хидрометеоролошки работи функцинирале 35 хидролози инженери – техничари, тој број сега е паднат на 12, од тоа само двајца се хидролози инженери – техничари, така што ако сакаме да имаме добар мониторинг треба да инвестираме. – вели Васко Стоев од УХМР.

Во момнтов за мониторинг на Охридското Езеро државата издвојува незначителни 2000 евра, што ни од далеку не ги задоволува потребите за современо следење на хидролошките состојби, што е неопходно за изготвување стратешки планови за заштита од поплави и рационално користење на водните ресурси.

За нашата држава треба барем еден милион евра да издвојува на годишно ниво за хидролошки мониторинг, откако претходно би се инвестирале 80 милиони евра да се изгради систем за хидролошки мониторинг на територијата на целата држава. – истакнува Стоев.

Оваа година нивото на Охридското Езеро беше над максимумот, што предизвика штети на крајбрежјето. Тоа делумно се должи на временските услови, но големо влијание има човечкиот фактор, како и билатералниот договор со Албанија, велат хидролозите. Тие предупредуваат дека е неопходно да се изгради соодветен систем на регулација на Охридското Езеро кое никако не смее да се третира како акумулација, како што тоа е случај сега.

Г.М.