Секое политичко рекламирање, информирање за политичките партии или субјекти со цел промоција или медиумско претставување ќе бидат забранети до почетокот на изборната кампања.
 
Ова на прес конференција во Скопје го кажа претседателот на Советот за радиодифузија (СРД), Зоран Стефановски претставувајќи го нацрт правилникот за однесување на медиумите во периодот пред започнување на изборната кампања, пренесува „Макфакс“.
 
Тој појасни дека од денот на распуштањето на парламентот, кое е најавено за утре,  па се до отпочнувањето на предизборната кампања, најавена за 15 мај, стриктно ќе биде ограничено учеството на политичарите во медиумите.
 
„Сите информации, како граѓаните не би останале неинформирани  за она што се случува во Македонија поврзано со изборите, ќе бидат пласирани во дневно информативните програми на медиумите, а сите други активности, вклучително и владините кампањи замрзнуваат“, рече Стефановски.
 
Според него, овој период од еден месец политичките партии треба го искористат  за да ги завршат административните подготовки за изборите.
 
„Радиодифузерите во овој период ќе може да известуваат за изборниот процес, но во посебни емисии, каде што нема да присуствуваат политички партии, коалиции, или поединци кои се во функција на самите избори, а темата нема да биде во функција на конкретна политичка опција“, рече Стефаноски.
 
Претседателот на СРД ги потсети медиумите дека се должи ценовниците за рекламирање да ги достават во рок од пет дена од распишувањето на изборите и во нив јасно и недвосмислено да се нагласат сите попусти и дисконти.  Овие правила нема да смеат да се менуваат до завршувањето на изборите.
 
Покрај правилникот за однесување на медиумите во периодот пред започнување на изборната кампања, кој што СРД годинава за прв пат има обврска да го подготви, Стефаноски претстави и дел од измените на правилникот за однесување на медиумите во перидот на изборната кампања.
 
Платената политичка програма ќе биде дозволена со почеток на кампањата, која ќе трае 20 дена, но таа нема да смее да надмине повеќе од 15 минути, при што една политичка партија може најмногу да биде застапена со 10 минути.
 
„Јавниот сервис неможе да емитува реклами, но треба да се погрижи за правично рамномерно застапување на сите политички субјекти, бидејќи неговата функција е од општествен интерес“, рече Стефановски.
 
Тој дополни дека одговорност за прекршување на дозволеното време за платеното политичко рекламирање, прикажување на малолетници и говор на омраза, ќе ја сноси радиодифузерот.
 
Во време на кампањата ќе бидат дозволени дебатни емисии, интервјуа и соочувања, а емитувањето на рекламните спотови на партиите нема да биде ограничено.
 
Стефановски се согласи дека медиумите се во континуирана предизборна кампања од последните избори одржани во 2009 година, но нагласи дека такво нешто не е ограничено со законот.
 
Во врска со објавувањето на анкетите, медиумите се должи да го наведат нарачателот кој го платил испитувањето, да ја наведат институцијата која што го  извршила истражувањето и методологијата, да се наведе големината и структурата на примерокот и датумот во кој е спроведено истражувањето.
 
Последните анкети ќе можат да бидат објавени на пет дена пред започнувањето на изборите.
 
Стефановски повика на фер и коректна застапеност на сите политички субјекти во известувањето, како и новинарската професионалност да биде на високо ниво, со цел на граѓанинот да му се даде максимално реално слика.
 
СРД најави дека на оваа тема во наредните денови ќе организира интензивни дебати со радиодифузерите и сите релевантни институции поврзани со изборниот процес.

OhridNews
извор: „Макфакс“