Кој го загадува Охридското Езеро? Дали некој ќе одговара за еколошките инциденти што во континуитет се случуваат? Зошто надлежните инспекциски служби молчат? Се кријат ли сторителите на овие дела? Зошто никој не е казнет?…..Веројатно има уште голем број прашања на кои надлежните институции не дале одговор, иако само во архивата на OhridNews има дузина „силни“ најави на одговорни функционери дека загадувачите ќе бидат откриени и најостро санкционирани! Не само што не ги најдоа, или не сакаа, туку и натаму дозволуваат да се повторуваат еколошките инциденти. Така ќе биде веројатно и натаму, се додека надлежните замижуваат пред уништувањето на животната средина.

Дека секаков обид да се промени нешто и да се влијае на еколошката свест е осуден на неуспех, без ефикасна и неселективна казнена политика, потврдуваат и експертите за заштита на животната средина.

“Попусто превземаме се за јавната свест и заштита кога и натаму природните ресурси ни страдаат од празната свест на индивидуалци кои остануваат и натаму неказнети. Поостра казнена политика изгледа е единствена одбрана за езерото од вакви инциденти“ – смета Дејан Пановски од Билатералниот комитет за заштита на охридското Езеро.

За плукање на јавно место или фрлање отпушок може да бидете казнети со 50 евра, ама ако истурите тон гориво во Езерото бидете спокојни, затоа што досега никој не одговарал за тоа. Затоа внимавајте каде плукате.