Битката за заштита на Охридското Езеро не може да се добие, без системски решенија и доследна примена на законите и казнената политика, беше истакнато на трибина на тема „Заштита и управување со Охридско езеро“, што се одржа денеска во организација на Билатералниот Секретаријат за Охридското Езеро, во соработка со Здружението на рекреативни риболовци Спортски клуб „Св. Апостол Петар“.


-Проблем со имплементацијата на законите од областа на заштита на животна средина постои. Институциите на централно и локално ниво и инспекциските служби  не одговараат соодветно на предизвикот, а казнената политика не се имплементира како што треба. Оној што врши загадување мора да биде казнет и тука нема компромис, истакна Дејан Пановски, македонски претставник во Билатералниот Секретаријат за Охридското Езеро.


На трибината учество зедоа  претставници на институции од централно и локално ниво, одговорни за заштита и управување со Охридското Езеро, како и од невладиниот сектор од Охрид и Струга. Тие предложија конкретни мерки за заштита на Охридското Езеро, односно законска заштита на Билјанините извори, трската и Студенчишкото блато, одредување управител кој ќе се грижи за рибниот фонд, ревитализација на колекторскиот систем и другата инфраструктура, како и одржливо туристичко искористување на Охридското Езеро.


Заклучоците од трибината ќе бидат доставени до надлежните институции на централно и локално ниво.

OhridNews