Охридското Езеро веќе осум години е без концесиионер и на сила е целосна забрана за риболов, која единствено важи само на хартија. Во реалноста по разни канали свежа риба од езерото може да се најде во секој момент. Законодавствата на Македонија и Албанија во однос на заштитата на рибниот фонд во Охридското Езеро се уште не се хармонизирани, па така од другата страна на езерото се риболови без строги ограничувања, додека на македонска страна постојано се крши воведената забрана. Под рака може да се најдат и најзаштитените видови, ендемските пастрмка и белвица, кои се послужуваат дури и во угостителски објекти.
Од надлежниот Државен инспекторат немаат сознанија дека угостителите го прекршуваат законот и тврдат дека честите контроли даваат резултат на терен. Но дали е така? Езерската полиција при редовните контроли годишно запленува по неколку илјади рибарски мрежи, доволно неколкукратно да се покрие езерото. Очигледно дека шверцот со риба е доходовен штом рибокрадците постојано го обновуваат риболовниот алат. Неодамна во езерските води кај с. Калишта – патрола на граничната полиција пронајде 70 рибарски мрежи  и 224 парчиња риба, белвица.
Експертите посочуваат дека сегашната состојба е неодржлива, затоа што забраната за риболов без соодветна физичка заштита не дава резултати. Оттаму според нив потребно е државата да назначи управител (концесионер) на езерото, кој под строго утврдени правила ќе се грижи пред се за заштитата на рибниот фонд, а потоа и ќе стопанисува со него, притоа водејќи сметка да не биде загрозен природниот баланс во езерото, како што тоа се прави сега со неконтролираниот нелегален излов. Од Хидробиолошкиот завод Охрид – ХБИ, кој ги изготви риболовните основи врз основа на кои државата распиша тендер за давање на Охридското Езеро под концесија, укажуваат дека вештачкиот мрест и другите мерки кои се преземаат за зголемување на популацијата на загрозените ендемски видови пастрмка и белвица, не ги даваат очекуваните резултати, иако уште од 2004 година на сила е целосна забрана за риболов на Охридското Езеро.
– Ако се има предвид колку рибокрадството е присутно на македонскиот дел од Езерото, односно количините кои дневно се ловат по однос на пастрмката, белвицата и крапот  (како комерцијално највредни) во одделни денови е поголема отколку количините предвидени за стопански риболов предвидени во Риболовната основа на годишно ниво, вели Зоран Спиркоски од ХБИ – Охрид.
Спиркоски посочува дека Владата ја донела одлуката за давање на Охридското Езеро под концесија врз основа на консултациите и мислењата на изготвувачот на Риболовната основа за Охридското Езеро, кој за тоа се консултирал со релевантни меѓународни организации.
– ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид, во текот на изготвувањето на риболовната основа и пред да се произнесе пред Владата на Р.М, од друга страна, пак, се консултираше со експертите од рибарската, биолошката и еколошката област од големата мрежа на соработници од Заводот од целиот свет (со над 40 институции), Европската Комисија за рибаство (Одделот за слатководно рибарство), Комисијата за рибарство при ФАО од ОН и редица други невладини и владини структури од светот, истакна Спиркоски.
Сегашната статус-кво состојба е неодржлива и за Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, од каде исто така сметаат дека е потребно да се назначи управител кој ќе се грижи за рибниот фонд.
-Ден денес, по 8 години од забраната за излов која се покажа дека не е решение, сум на истиот став дека на Езерото му е неопходен субјект за управување, но под строго утврдени правила, без наштетување на рибниот фонд, со силна инспекциска контрола и жесток одговор на надлежните при нарушувањата .Во спротивно го имаме хаосот што го имаме, изјави Дејан Пановски – македонски претставник во Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
Во  однос на усогласувањето на законската легистлатива за заштита на рибниот фонд во Охридското Езеро на македонска и албанска страна, Паносвки смета дека тој процес би се убрзал доколку се формираат државни агенции за управување со рибниот фонд, со што ќе се отвори можност за билатерално усогласување на мерките за заштита и искористување на рибниот фонд во Охридското Езеро, без што, според него, тоа тешко ќе се направи. Пановски смета дека пред да се донесе било каква одлука неопходно е да се направи научна проценка на рибниот фонд во Езерото, со цел да се утврди реалната состојба.
– Во оваа сегашна состојба се вон од строго контролиран пристап би било само нов ризик. Но, пред да се направи било каков чекор најнеопходно е да се направи научна проценка на рибниот фонд во Езерото. Имаме премалку егзактни, научни факти за Езерото, па и таквите треба да се ревидираат, за да можат да се носат најправилни одлуки, вели Пановски.
Од Хидробиолошкиот завод, кој ги следи состојбите со рибниот фонд повеќе од 70 години, велат дека врз основа на научни факти се изработени критериумите за стопанисување со Охридското Езеро, кои драстично се разликуваат од условите под кои во минатото езерото беше давано под концесија.
-Во првата година за стопански риболов се предвидени минимални количини на пастрмка 2000 кг, белвица 500 кг, крап 4000 кг, плашица 200.000 кг и тоа ловот за плашица по пат на мелиоративен риболов – во соработка со научна установа овластена од областа на рибарството од Владата на Р.М., објаснува Спиркоски
Измени има во правилниците за употреба на риболовен алат. За разлика од порано маскимална должина на мрежите е 50 м, а височина максимум 3 м за пастрмка и белвица, односно 5 м за крап, додека за другите видови риба височините на мрежите се помали. Исто така, ограничен е бројот на мрежи по ден, по рибар и по вид риба, како и бројот на риболовни денови за секој вид риба. 
-Сите тие законски и подзаконски акти во согласност со Риболовната основа овозможуваат далеку поголема контрола за обврските на концесионерот кои, пред се треба да се насочени во заштитата, а потоа на искористување на рибниот фонд, а со самото тоа и поефикасна работа на инспекцискиот надзор од секој поглед, вели Спиркоски.
Тендерската постапка за давање на Охридското Езеро под концесија за стопански и рекреативен риболов која предвидува и вработување на поголем број лица од страна на идниот концесионер е завршена, а конечната одлука треба да ја донесе Владата.
OhridNews