Рибниот фонд во Охридското Езеро не може да се зачува доколку Македонија и Албанија не ги усогласат законите и мерките за заштита.  На ова укажуваат екологистите и експертите, а со нив се согласуваат и граѓаните. Тоа го потврдуваат и резултатите од анкетата што ја спроведе OhridNews. На прашањето: Дали е можна заштита на Охридското Езеро без заеднички мерки од Македонија и Албанија?, дури 88 отсто одговориле со „Не“, а 12 проценти сметаат дека тоа е возможно. Во анкетата беа опфатени 1957 читатели.

Организациите за заштита на рибниот фонд неодамна предупредија дека на албанска страна од Охридското Езеро се врши неконтролиран излов, од што не е поштеден ниту подмладокот на пастрмка со кој Хидробиолошкиот институт го порибува езерото.

.- Се лови со влакови, со секаков вид мрежи, се фрлаат грунчарници со помали окца наменети за грунци, но се фрлаат на места каде ја има пастрмката, така што се ловат оние пастрмчиња со кои Хидробиолошкиот институт го порибува езерото, и се врши  еден невиден масакр врз рибниот фонд во Албанија. –изјави  за OhridNews Радован Димитриески од СРК „Св. Апостол Петар“.

Додека на македонска страна на сила е забрана за риболов, на албанска стопанските риболовци секојдневно од езерото вадат неброени килограми пастрмка. Овој загрозен ендемски вид риба слободно може да се најде и во рестораните во Поградец, каде  порција пастрмка се продава за 10 -12 евра, а албанските рибари се почесто пастрмката на црно ја продаваат и во Охрид.

OhridNews