Сите проблеми на Охридското Езеро можат да се решат со формирање заедничка администрација за заштита на езерото, беше речено на тркалезната маса што во организација на Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро и Спортско-рибиоловниот клуб „Св. Апостол Петар“ се одржа денеска во Охрид. На средбата експерти од Македонија и Албанија, претставници на надлежни институции и инспекции, на Хидробиолошкиот институт и полицијата дискутираа за драматичната состојба со рибниот фонд.


Аријан Мероли, албански претствник во Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, информираше дека е покрената иницијатива за унифицирање на законот за рибарство од двете страни на езерото  и за формирање на заедничка администрација за негова заштита, но надлежните институции се уште ја немаат разгледано.

–  Сметаме дека со формирање на едно вакво тело ќе се решат сите проблеми за кои сега дискутираме. Но и покрај нашите напори состанокот на министерствата за заштита на животна средина на Македонија и Албанија на кој треба да биде потпишана спогодбата за формирање заедничка управа за заштита на Охридското Езеро се одлага веќе три пати.- посочи Мероли.


Претставникот на Македонија во Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, Дејан Паноски посочи дека се додека езерото нема управител состојбата ќе остане непроменета.

-Доколку езерото се даде на управување под строго пропишани услови кои ќе предвидат соодветни казни и механизми за спроведување на директивите, интерес на концесионерот ќе биде да го заштити рибниот фонд, рече Паноски.


На средбата беше истакнато дека и покрај забраната за риболов на македонска страна, граничната полиција само во 2010 година запленила 1060 рибарски мрежи. Спортските риболовци укажаа дека рибокрадците поминуваат неказнето посочувајќи дека од 30 поднесени пријави за криволов 20 се одбиени поради правни недостатоци.

-Под итно треба да се преземе нешто рибокрадството на Охридското Езеро да не прерасне во организиран криминал, предупреди Радован Димитриески од СРК „Св. Апостол Петар“.

Г.М.