Безбедносната состојба во државата денес, десет години по конфликтот, е стабилна велат екеспертите од областа на безбедноста кои учествуват на  Меѓународната научна конференција насловена „Безбедноста на постконфликтниот Западен Балкан, транзиција и предизвиците на Македонија“ што во организација на Факултетот за безбедност од Скопје, денеска почна во Охрид.


Според Цане Мојаноски, претседател на организацискиот одбор на конференцијата, на научниците им е особено тешко да дадат одговор на прашањето каква е безбедносната состојба во земјата една деценија по Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на конфликтот во Македонија,  од  две причини, бидејќи, како што рече,  ги немаме сите информации коишто ги имаат надлежните служби, но верувам во принципите кои се утврдени во нормативните решенија и во политиките на Македонија и на Балканот воопшто кои се повеќе се приближуваат кон европските стандарди.

– Мој личен впечаток е, дека безбедносната ситуација во Македонија е особено задоволителна и индикациите говорат дека не би можеле да стравуваме за одделни прашања. Сепак, треба да се има предвид дека Македонија е комплексно општество со висок степен на невработеност која претставува социјален фактор што треба да се има предвид при градење на безбедносната проценка, изјави Мојановски.


Професорот Николај Палашев од Универзитетот во Софија, смета дека прашањето на безбедноста е комплексно прашање и не може да се решава фрагментарно.

– На Охридскиот рамковен договор не може да се гледа како на дел од општата безбедност на Балканот, туку и во Европа зашто Балканот е најважната бариера пред тероризмот и криминалниот капитал кон Европа, истакна Палашев.

На конференцијата денеска и утре ќе бидат презентирани 85 трудови од стотина научници од осум земји од високообразовни институции од областа на безбедноста од Југоисточна Европа, кои во Охрид ќе дебатираат за безбедноста на постконфликтниот Западен Балкан, корупцијата и криминалот, реформите во безбедносната сфера на државите од регионот и нивното преструктуирање во контекст на евроатлантските процеси.