Шест брода полни со туристи денеска упорно чекаа да се истоварат на предвиденото одредиште во Св. Наум, но ниту претпладне, ниту попладне не можеа да го направат тоа во договорените термини поради строгите безбедносни протоколи воведени за посетата на претседателките на Македонија и Индија на Охрид.
Персоналот на бродовите вели дека уредно бил известен од безбедносните структури дека ќе можат непречено да пловат и да превезуваат туристи до Св. Наум претпладне до 13 часот, а потоа ќе можат да пловат до и од истата дестинација кон Охрид по 15 часот.
Најпрвин, во текот на пловидбата, ни беше кажано дека не може да пристанеме во Св. Наум, иако бродовите уште во 12 часот беа кај тамошното пристаниште. Туристите бараа одговор од нас зошто не можат да пристигнат до дестинацијата за која уредно платиле карта. Бидејќи не ни беше дозволен пристап, се упативме кон кампот Љубаништа, од каде по 15 часот повторно испловивме за Св. Наум, но и тогаш не им беше дозволен пристап на шест брода полни со туристи“, сведочат охридските бродари.
Безбедноста и протоколите, кога се во прашање високи гости, треба да се почитуваат и тоа е во ред, но истите денеска не беа испочитувани од оние што се задолжени за тоа, а на штета на стотици гости“, додаваат тие, посочувајќи дека охридските бродари постапиле согласно дадените инструкции и ги испочитувале предвидените временски рамки за пловидба, но и покрај тоа не им било дозволено да пристапат кон пристаништето во Св. Наум.
Г.М.















