И по една деценија од формирањето, планските региони наместо развој и решавање на проблемите, се уште се на почеток и не можат да ги усогласат ставовите за клучни прашања, како што се заштитата на животната средина и управувањето со отпад. Пример за тоа е Југозападниот плански регион каде локалните самоуправи никако не можат да се договорат за локацијата каде да се изгради регионална депонија. Од здружението на комунални претпријатија АДКОМ велат дека во најголем дел тоа се должи на стравот на локалното население од евентуални негативни ефекти, кој е неоправдан, бидејќи се работи за зелени технологии.
-Јавноста во Македонија не е информирана како изгледаат и како функционираат таквите депонии. Можеби Министерството за животна средина, па дури и валадата, треба да организираат посети со медиумите за претседателите на локалните и регионални совети за да видат како функционрираат тие депонии, за да ја видат вистинската слика дека тие всушност не се депонии туку фабрики за преработка на ѓубре. – изјави Зоран Георгиев, претседател на АДКОМ.
Одлуката каде ќе се гради депонијата во Југозападниот плански регион ќе ја донесе владата, која неодамна времено го презеде управувањето со отпад од општините. Се проценува дека изградбата ќе чини 54,5 милиони евра, за што се уште не се обезбедени средства.
– Во регионите каде што нема предвидено пари од европските фондови, таму ќе се оди според принципот на јавно приватно партнерство и концесија, односно ќе се бара инвеститор. – истакна Беса Татеши – портпарол во Министерство за животна средина
Иако од Министертсвото за животна средина не прецизираат на која локација ќе се гради регионална депонија во Југозападниот плански регион, потенцираат дека таа ќе биде избрана согласно изработената студија, во која како најсоодветни беа посочени 4 локации, од кои како најпогодна се издојува таа во општина Дебрца. На тоа се противат општината и локалното население кое својата волја ја изрази и на референдум, чија важност со одлуката на владата за преземање на управувањето со отпад од општините, сега се доведува во прашање.
Г.М.












