Оригиналниот примерок од Дејтонската спогодба со која е ставен крај на војната во Босна, исчезнал од босанскохерцеговачкиот државен архив и никој не знае каде е, потврдил претседателот на Претседателството на БИХ, Жељко Комшиќ.

„Утврдивме дека го нема оригиналот од Дејтонската спогодба во архивата на Претседателството. Секретаријатот не знае каде е“ потврдил Комшиќ пртоа фрлајќи ја вината на „некомпетентните стручни служби“ кои го опслужуваат државниот врв.

Комшиќ најавил истрага за да се утврди што се случило и каде завршил историскиот документ што во Дејтон го договорија, а потоа во Париз го потпишаа тогашниот хрватски претседател Фрањо Туѓман, бившиот претседател на СР Југославија Слободан Милошевиќ и тогашниот претседател на на Претседателството на БИХ Алија Изетбеговиќ.

На потпишувањето на овој документ присуствуваа шефови на држави и влади од највлијателните држави во светот вклучувајќи го и американскиот претседател Бил Клинтон.
Лично Изетбеговиќ во Сараево го донел оргиналниот документ од Дејтонската спогодба, но сега веќе никој не знае каде овој документ од голема историска важност завршил. За потребите на администрацијата во БИХ досега се служеле со копии.

ohridnews