Претседателот Стево Пендаровски вечерва во Охрид оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој е во посета на Северна Македонија како дел од неговата регионална турнеја во земјите од Западен Балкан.

Во пресрет на јунскиот Самит на ЕУ на кој му претходи лидерскиот состанок на Европската Унија – Западен Балкан, претседателите разговараа за европското досие на Северна Македонија, предизвиците и можните модалитети за нивно надминување. Тие се осврнаа и на воената руска агресија во Украина, можните безбедносни закани во регионот и пошироко, како и на справувањето со економските предизвици соочени со ефектите од здравствената и енергетска криза, соопшти кабинетот на претседателот Пендаровски.

Истовремено, двајцата соговорници размениле мислења за најновите идеи за создавање „Европска геополитичка заедница“, при што од страна на претседателот Пендаровски било потенцирано дека секоја идеја која ќе обезбеди продлабочена оперативна соработка за справување со заедничките предизвици и интереси, како што се стабилноста и безбедноста на европскиот континент и која нема да биде замена на политиката на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, е добредојдена.

Претходно денес попладне заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, го пречека претседателот на Европскиот совет Мишел, кој слета на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.

Вицепремиерот Маричиќ, како што соопшти неговиот кабинет, му посака топло добредојде на Мишел и изрази големо задоволство од неговата посета, која е во исклучително важен момент за нашата земја и за целиот регион.

Во пресрет на јунскиот Самит на француското претседателство оваа посета е одлична можност со Мишел да го повториме ставот за нашата стратешка определба и партнерство со ЕУ, но и да поразговараме за идните планови за натамошниот развој на Западен Балкан и ЕУ, вели Маричиќ.

Во рамки на посетата, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој е во мини балканска турнеја, ќе биде гостин на вториот Преспа форум за дијалог, каде заедно со претседателот Стево Пендаровски, ќе го отворат со првата сесија, на која ќе говорат и претседателите на Слованија Борут Пахор, на Хрватска Зоран Милановиќ, на Косово Вјоса Османи – Кадриу и претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ.

OhridNews