Со закупување на билборди, објавување на реклами во печатени медиуми и на online портали во Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Косово и Албанија, „Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот“ и оваа година ќе ги промовира Охрид и другите туристички потенцијали на Република Македонија.

Освен за балканската промоција, оваа година ќе бидат издвоени средства и за промоција на нашите туристички богатства во Полска и Шведска, а планирани се и рекламни кампањи во Италија и Франција.

Надлежните во АППТ велат дека особено важна промотивна активност се и организираните ФАМ посетите на Република Македонија за странски туроператори и новинари.

-Тоа е инструмент кои им овозможува на странските туроператори и новинари одблиску да ги запознаат убавините на Македонија, обичаите, традицијата, фолклорот и другите туристички потенцијали. Анимирањето на странските новинари, кои ќе направат промоција на нашата земја во странство ќе придонесе за зголемување на бројот на странски туристи. Странските туроператори кои ќе ја постават Македонија како дестинација во нивните туристички програми, ќе придонесат за зголемување на македонските приходи по основ на туризам, појаснуваат од АППТ.

Од таму потенцираат дека покрај промоцијата во медиуми, за 2014 година предвидени се други видови на туристички презентации.

-Ќе се организираат презентации и настапи пред тур оператори и останати туристички работници, на пазари на кои Македонија е присутна, но ќе се работи и на пробивање на нови туристички пазари во комуникација со Асоцијаците за туризам. Вакви настапи се предвидени во Германија, Австрија, Италија, Полска и Англија. Презентациите се предвидени во два периода и тоа од мај до јуни и од август до октомври, информираат од АППТ.

Во текот на јануари, февруари и март годинава, македонските туристички можности беа презентирани на саемите за туризам во Утрех, Виена, Истамбул, Брисел, Милано, Софија, Берлин, Букурешт, Москва, Гетебург и Балград. Саемската промоција на Македонија ќе продолжи од септември, на туристичките саеми во Токио, Јапонија; во Римини, Италија; во Познан, Полска; во Лондон, Велика Британија и во Измир, Турција.

Е.М