Во секоја демократска земја постои Устав кој треба да се почитува, изјави поранешниот министер за надворешни работи на Шведска, Карл Билд по средбата со претставници на СДСМ. Пред заминувањето за Мала Речица на средба со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, Билд на Твитер ги повтори своите ставови.
– Демократија. Устав. Европа. Почитта кон овие три работи ќе ја однесат Македонија напред. Тоа беше мојот одговор на прашањата од новинарите во Скопје – напиша Билд на Твитер.
Тој истакна дека е во извидничка мисија со паневропската невладина организација за да собере информации кои ќе им бидат пренесени на европските лидери врз основа на кои Брисел ќе може да одлучи во однос на актуелната ситуација во Македонија.
– Бев свесен дека нема да се видам со претседателот Иванов, но клучно беше да се сретнам со претставниците на политичките партии. Со оглед на тоа што не се сретнавме, не ми се познати неговите ставови. Без разлика дали станува збор за Македонија, Грција или Шведска, клучот за решение на проблемот е секогаш во Уставот. Македонија е предводена од Македонци, но ако таа сака да биде членка на ЕУ, односно да ги продолжи преговорите, јас лично ја поддржувам во тој процес. Тука е секако проблемот со името, но и други проблеми кои треба да се решат. Постојат демократски стандарди кои треба да се почитуваат за да бидете дел од ЕУ – изјави Билд.
По Мала Речица, Билд се враќа во Скопје на средба со претставници на другите партии, но нема да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, кој, според неговиот кабинет, за денеска имал друга агенда.
OhridNews
извор НМ