Ако Верона во Италија стана светска туристичка атракција со имагинарните гробови на Ромео и Јулија, зошто Студенчишта да не стане попривлечно место за туристите во Охрид со помош на ликот опеан во песната Билјана платно белеше?
    Не се обратило доволно внимание на оваа песна и истата е ставена во кошот на (и без неа) богатиот фолклор. Никогаш и не се помислило од ликот опеан во песната да се издигне култ, а од локалитетот да се направи туристичка атракција.
   
     Некогаш тоа биле природни извори оивичени и со тек тук расфрлени бели мазни и чисти камења, со цветни ливади, каде потенцијалните невести доаѓале да го белат платното за дарови. Така постарите граѓани од минатиот век го опишуваа овој локалитет со изобилство на суптилни чувства за обичаите и љубовта во своето време. Постарата генерација на овој век паметат како тие природни извори се собраа во една ѕидана чешма и со еден природен канал во кој најчесто се собираа отпадоци, водата истекуваше и се влеваше во Охридското езеро. Култот кон легендарниот лик Билјана (ако може така да се рече) се чувствуваше само низ песната која продолжи да се пее и до денес во сите семејни и кафански веселби. Изгледот на локалитетот со ништо не наликуваше на она во песната и народот обично го нарекуваше само Студенчишта по студената вода од изворите.

    Пред четириесеттина години една група странски туристи ми се обратија на англиски и ме замолија да ги однесам кај Билјанини извори. Не ми беше тешко да им ја исполнам желбата. Напротив, ми беше задоволство. Од Палас до локалитетот одевме пеш и цело време ја пееја песната чии зборови тешко ги изговараа но сепак донекаде личеа на македонски. Потешко ги разбирав но сепак успеаа да ми објаснат дека песната ги фасцинирала. Ја знаеја и мелодијата и суштината на содржината на песната. Ја слушале често, а за Охрид слушнале од песната и одлучиле да дојдат да го посетат.

    Кога стигнавме јас им ги покажав изворите. Неколкумина од нив и натаму продолжија да настојуваат да ги однесам на местото Биљанини извори сметајќи дека јас не сум ги разбрала и повторно низ мелодијата ги изговараа зборовите на Биљана платно белеше покушавајќи да ми објаснат што сакаат. Но повеќето од нив направија гримаси од кои во тој момент јас се чувствував страшно непријатно дури и засрамено. Тоа чувство и ден денес го носам кога ќе стане збор за овој локалитет.

    Но обично господ ги реди работите така да на ова место покасно се изгради угостителски објект кој се вика Билјанини извори. Објектот и ден денес е импровизиран но барем го врати името т.е. луѓето често по името на ова кафанче го нарекуваат и местото.

    Покасно местото го поддотераа со неколку поплочени кружни базени. Но и тоа, ни оддалеку не го задоволува изгледот што го заслужува за да биде компатибилен со култот кон легендарниот лик на Билјана. Дотолку повеќе што во близина се лоцирани милитаристички објекти (полиција и војска).

    Верона стана светска туристичка атракција со имагинарните гробови на Ромео и Јулија како симболи на забранета љубов во едно време. Тогаш зошто со помош на култот кон Биљана како симбол на љубовта и обичаите од тоа исто време, локалитетот да не може да се направи да биде попривлечен за туристите. Сигурно споредбата е преудицирана зошто зад овие ликови стои познатиот Вилијам Шекспир. Но, ако зад Ромео и Јулија стои Шекспир, тогаш зад Билјана стојат убавините на Охрид и евергринот на народниот мелос – БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ.

ПРЕДЛОГ:

    Најпрвин песната да стане симбол или химна на градот. Ни една манифестација да не отпочнува без оваа песна. Ни една веб страна за Охрид да не оди без прилог на песната. (Како што гостите се воодушевуваат на хавајската мелодија кога ги пречекуваат домаќините зошто гостите во Охрид не би се пречекувале и сигурно би се воодушевувале од песната Билјана платно белеше). Да постои посебен ден посветен на времето, обичаите т.е. на ликот Билјана со кои ќе се идентификува охридскиот и македонскиот народ.

    Да се реанимира стариот изглед на Билјанини извори со скулптура, детали и мистика која ќе одговара на ликот и времето со што ќе се побуди желбата на туристите да го посетат локалитетот. Дел од локалитетот да го задржи првобитниот амбиент, но во околината да се изградат шеталишта, фонтани паркови и угостителски објекти каде туристите пријатно ќе се чувствуваат.

    Да се надеваме дека господ ќе помогне сето тоа да се оствари. Дали градските или републичките власти ќе одвојат средства од буџетот или ќе се даде на концесија или со донации не е важно. Овој локалитет и песната тоа го заслужуваат.

 
Песната можете да ја слушнете тука 3.64 MB

Автор:
Професор во пензија Вера Главинчева