ЈП  „ Билјанини извори“ паркингот на т.н.  „ Мал полигон“ го има изнајмено со склучен законски договор со А.Д. „ГРАНИТ“ кој е сопственик на овој простор, се наведува во дописот од јавното претпријатие по изнесеното од општинската СДСМ во врска со користењето на паркинзите низ градот.

– За склучувањето на овој договор донесена е одлука на Управен одбор, на ден  24 јули 2014 година кога одборот донесе Одлука за земање под краткотраен закуп на земјиште во централното градско подрачје на градот Охрид. Ваквата одлука Управниот одбор ја донесе заради лошата финансиска состојба во која е претпријатието, а за која целокупната јавност има детални информации и е запознаена во целост. Што се однесува до критиките дека за ова немало одлука на Совет на општина Охрид, истите ги оценуваме како беспредметни и неаргументирани, бидејќи Советот не може да донесе одлука за земјиште кое е приватно, стои во реакцијата од ЈП „ Билјанини извори“.

Оттаму, објаснуваат дека паркингот кај „ Центарот за обука на вода“  му е доделен на ЈП „ Билјанини извори“ со одлука на Совет и легално работи.

– На јавноста и укажуваме дека ова е првпат овој паркинг да се стави во владение на претпријатието, кое и во минатите години го имаше овој паркинг, исто така со одлука на тогашниот состав на Советот, но тогашната власт и раководството никогаш не го ставија паркингот во владение ја претпријатието, од што истото има трпено материјална штета. Врз основ на ваквите и слични, претходно превземени мерки,претпријатието се консолидира, враќа стари долгови и полека но сигурно финансиски заздравува, велат од јавното претпријатие.

Од претпријатието потенцираат дека вработените последниот месец добиле две од заостанатите плати, при што е исплатен и долг кон ЕВН во висина од 300 000 денари.

OhridNews