На 15.11.2022 година од 08.00 до 15.30 часот, полициски службеници и претставници на Шумската полиција од Охрид извршија контроли на шумскиот појас „Мазатар“ на планината Галичица, информираат од СВР Охрид.

Притоа, во одделот 14 со кој стопанисувал правен субјект со седиште во Охрид забележани се 32 бесправно пресечени букови стебла. Се преземаат мерки за расветлување на настанот, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против 40 годишно лице од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.

Тој, на катарстарска парцела во атарот на охридското село Љубаништа, кое е заштитено подрачје, без соодветна документација и без согласност од Националниот парк „Галичица“ изградил три објекти цврста градба и еден базен. По извршениот инспекциски надзор, овластен градежен инспектор при општина Охрид донел решение за отстранување на нелегалните објекти, вели Димоски.

Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 48 годишно лице од Скопје и 69 годишно лице од Штип.

Тие, по објавен текст на еден веб портал, постирале коментари со кои промовирале и поттикнувале омраза и насилство против одредена личност, додава Димоски.

OhridNews