Охридската полиција и изминатото деноноќие со полни раце работа.

На 21.05.2023 година во 00.40 часот, при извршени контроли по угостителски објекти во Охрид, полициските службеници во еден објект лоциран на плоштадот „Св.Климент Охридски“ констатирале присуство на малолетни лица. Против правното и одговорното лице, ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти СВР Охрид.

На 21.05.2023 година во 03 часот, полициски службеници од одделението за борба против дрога и оружје при СВР Охрид, од слобода лишиле 33 годишен охриѓанец.

При преглед претходно извршен во угостителски објект лоциран на булеварот „Железничка“, кај него, пронајдена и одземена е бела прашкаста материја. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информира портпаролот на охридската полиција Стефан Димовски.

На 20.05.2023 година во 19 часот, жител на Охрид, во надлежната полициска станица пријавил дека слушнал истрели од огнено оружје по што, во дворот забележал сачми кои паднале од кровот. Полициски службеници извршиле увид на местото и се преземаат мерки за расветлување на настанот.

Изминатата ноќ при преземени сообраќајни контроли во патниот сообраќај, полициските службеници затекнале 9 возачи кои, управувале моторни возила под дејство на алкохол (Охрид-05, Кичево-04).

Тие, веднаш се исклучени од сообраќај, одземени им се возачките документи и поднесени им се соодветни платни налози. – се наведува во полицискиот билтен.

OhridNews