На 19.08.2026 во 12:00 часот во СВР Охрид е пријавено дека на паркинг простор во Охрид, едно лице физички нападнало вработен на паркингот, 67-годишно лице од Охрид.

Се преземаат мерки за целосно расветлување на настанот, по што против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 19.08.2026 во 15:30 часот на регионалниот пат Охрид-Св Наум нарушен е јавниот ред и мир со физички пресметка помеѓу 38-годишно лице од Битола и 54-годишно лице од Скопје.

По целосно документирање на настанот, СВР Охрид ќе поднесе соодветна пријава.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против 73-годишно лице од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

На 01.08.2026 во зграда на улица „АСНОМ“ во Охрид, пријавениот вперил пиштол кон лице од Скопје со кого претходно имал расправија за паркинг простор. По судска наредба, охриѓанецот беше лишен од слобода и му беа одземени пиштол и пушка, како и повеќе парчиња муниција.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против 53-годишно лице од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“.

Во текот на јули оваа година, пријавениот бесправно оградил повеќе катастарски парцели во населба „Коњско“ во државна сопственост, со што го оневозможил нормалното движење на граѓаните.

На 19.08.2026 во 14:00 часот на ул.„Марксенгелсова“ во Струга, по претходно недоразбирање, нарушен е јавниот ред и мир со физички напад извршен од лице од струшкото село Велешта врз 74-годишно лице од струшкото село Радолишта.

По целосно документирање на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против 50 и 54-годишни лица, двајцата од струшкото село Велешта, како и против правен субјект од истото село поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности“, „незаконита експлоатација на минерални суровини“, „предизвикување опасност при градежни работи“ и „загадување вода за пиење“.

Пријавените, на повеќе катастарски парцели во лична и во сопственост на други лица, но и на неколку парцели во државна сопственост, вршеле незаконит ископ и експлоатација на минерални суровини без важечки договор за концесија. Нелегалните ископи ги извршувале во непосредна близина на изворите за вода во струшкото село Шум од каде градот Струга се снабдува со вода за пиење, со што придонеле за директно загадување и заматување на водата за пиење од над 30 пати повеќе од дозволеното. На тој начин предизвикале долготраен прекин во водоснабдувањето и забрана за користење на водата за пиење, за одржување на лична хигиена и хигиена на раце, додаваат од СВР Охрид.

OhridNews