На 20.10.2026 во 15:30 часот во СВР Охрид е пријавено дека кај месноста „Прентов мост“ во близина на охридското село Куратица настанал пожар во пилана, во делот каде се наоѓа комората за печење на дрво и штици.
Повредени лица нема, а интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид. Се преземаат мерки за целосно расветлување на настанот, велат од СВР Охрид.
Отсекот за компјутерски криминал при СВР Охрид поднесе кривична пријава против 42-годишно лице од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“ по член 193-а од Кривичниот законик.
При претрес во неговиот дом, извршен на 20.10.2026 со судска наредба, полициските службеници од СВР Охрид, во координација со полициските службеници од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, пронајдоа и одзедоа деск топ компјутер и видеа со експлицитни содржини од детска порнографија, по што веднаш го лишија од слобода, а судија на претходна постапка му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
На 20.10.2026 околу 11:00 часот во СВР Охрид е пријавено дека на ул.„15 Корпус“ во Охрид, товарно возило „ман“ со приколка со охридски регистарски ознаки, управувано од 62-годишно лице од Охрид, удрило во 78-годишна жена од Охрид.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила жената констатирани во Специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Охрид.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против 46-годишно лице од струшкото село Подгорци поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „кражба“ и „пустошење шума“.
При контрола и координирана акција од ОВР Струга и Шумската полиција, извршена на 16.10.2026 во планински појас над истото село, тој бил затекнат во шума во државна сопственост како со моторна пила врши бесправна сеча на немаркирано буково дрво. По преземени дополнителни мерки било утврдено дека тој исекол вкупна количина од 175 метри кубни огревно буково дрво, со што на Јавното претпријатие „Национални шуми“ му предизвикал материјална штета од 5.250.000 денари, додаваат од СВР Охрид.
OhridNews












