На 26.08.2026 во 12:35 часот на булеварот „7 Ноември“ во Охрид, од слобода е лишено 32-годишно лице од Охрид.

При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „сеат“ со струшки регистарски ознаки, при што констатирале дека лицето го управувало возилото со 1,80 промили алкохол во крвта. По насоки од јавен обвинител, возилото е одземено и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик „безобѕирно управување моторно возило“, информираат од СВР Охрид.

На 26.08.2026 во 17:23 часот, во СВР Охрид е пријавено дека на улицата „Кузман Капидан“ во Охрид бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу 68 и 51-годишни лица, двајцата од Охрид.

По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 27.08.2026 во 01:16 часот, во СВР Охрид е пријавено дека избувнал пожар во возило „бмв“ со српски национални ознаки, кое се движело по автопатот Охрид-Кичево, во близина на селото Врбјани, општина Дебрца, а го управувало 27-годишно лице од Лесковац.

Нема повредени лица, а интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против 42-годишно лице од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и „загрозување на сигурноста“.

Таа, на 12.08.2026 во 01:00 часот, пред објект на СВР Охрид физички нападнала полициска службеничка, која извршувала службени активности од областа на безбедноста и и упатила закани, по што веднаш била лишена од слобода.

На 26.08.2026 во 06:30 часот, полициски службеници од ОВР Струга од слобода лишија 41-годишно лице од Струга.

Тој во семејниот дом физички ја нападнал неговата партнерка. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 26.08.2026 во 15:20 часот во ОВР Струга е пријавено дека на магистралниот пат Подмолје-Ќафасан, во близина на Струга, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале патничко возило „голф“ со струшки регистарски ознаки, управувано од 61-годишно лице од струшкото село Радожда, мотоцикл „кавасаки“ со струшки регистарски ознаки, управуван од 20-годишно лице од Струга, паркирани возила „мерцедес“ со албански национални ознаки, сопственост на 51-годишно лице од Поградец и „крафтер“ со струшки регистарски ознаки, сопственост на 40-годишно лице од струшкото село Франгово и пешак, 61-годишен од Р.Албанија.

Притоа, мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, додека кај пешкот биле констатирани телесни повреди. Увид на местото на незгодата извршија јавен обвинител и полициски екипи, додаваат од СВР Охрид.

OhridNews